Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.comNews image
Ревидирано на: 08. Јануари 2008 - Објавено на 08:39 GMT
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
„Имаме само тврд нагласок...“
Струмица
Струмичани признаваат дека нивниот дијалект е „необичен“
БиБиСи деновиве емитува серија за дијалектите во Македонија.

Од Куманово до Прилеп, Битола, Гевгелија, Струмица, до Делчево...ги бележиме наречјата, и понекогаш се трудиме да ги разбереме.

Струмичкиот дијалект е еден од највпечатливите во Македонија, со скратени зборови и брз изговор.

Еве го искуството со струмичани на Зорица Атанасова:

Никогаш досега не сум била во Струмица. Градот што заради карневалот на струмичани им наликува на Рио Де Жанеиро, го посетив кога го реновираа плоштадот. Ништо не ми беше познато, па си прашав каде да одам, а луѓето ми рекоа:

-„Можете да одете да го видите пазариштето."

-„Најголем пазар, најјак пазар во источна Македонија. Тоа е тука Калифорнија."

Ми беше сеедно, дури и подобро, оти знаев дека таму, низ тезгите ќе има муабет. Така и беше. Разговорот го почнав со прашањето „како пазарот денеска“, а една повозрасна жена ми одговори: „слабо, не оде, две вреќи сум продала зелен пипер“.

На прашањето „идат ли од други градови од Македонија да пазаруваат“ ми рекоа:

-„Па идат. Идат и од Скопје, идат и од Штип".

Зошто да не разбираат?

Кога прашав пак дали ги разбираат кога зборуваат на својот дијалект, во разговорот се вклучија повеќемина Струмичани, кои еве што ми рекоа:

-„Па не`разбират, зошто да не не`разбират, ние сме Македонци. Ние имаме само тврд нагласок, инаку, дека и да одам с’м ги разбирала другите и се ме разбирале мене. Нема проблем."

-„Ах не, тешко, воопшто не се разбират. Ја на пример од Куманово и ка ќе отидам у Струмицу, и онда имам ногу голем проблем. Тако један пут када отидо и комшика што је тамо ми вика ` Мале Сање как при вас си тука во недела колиме бише, таман`. Викам `Се е тоа во ред, него ај од почетак и полеко`, оти ништо не ја разбрав. А тоа уствари жената ќе колат свиња и таман тука ќе биднам на месо да сум пробала.“

Струмичани се горди на својот дијалект, па низ смеа раскажуваат за искуствата што ги имале со луѓето од други градови:

-„Еднаш доваѓат кај мене едни госте, и седиме тука и викам `Жено, ај ќе ом ќе јам ќе дом `, и сеа сите грчат мишки шо е то: ќе ом, ќе јам, ќе дом".

-„Од едно наше село Муртино одат да продават чушки и френки во Чачак. И возачот ги растовара и вика `Чие е това`? Некој од доле вика `Мо`. Друг `Чие е това`? `Мо`. И тие Србите викат : `Јао, нападају нас Кинези`.

-„У војската стварно не не’ разбираа, ха, ха...Со војничките чизми шо ми беа и има боцки од доле. И знаиш кривам. Ми викат `шѓо кривиш`. Викам `мушат ме од доле`. И то им било најинтересно шо не можат да видат шо било то `мушат ме од доле`.

Ноќен живот

Струмица треба да ја видите во февруари, на Струмичкиот карневал, ми рекоа. Ако ви се чини далеку, младите ве канат на ноќната струмичка шема:

-„Ееее, за това не може збор да станува. Мислам оти Струмица има најногу, најдобар ноќен живот и можеме да се пофалиме оти не само за карневалите, туку и други викенди од цела Македонија идат човеци тука, деца, младина, да бидат дел од струмичката шема за време на викендот".

ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Наречјата во Македонија
07 Јануари, 2008 | Вести
Делчевско-пијанечко наречје
09 Јануари, 2008 | Вести
Кумановско наречје
10 Јануари, 2008 | Вести
„Искача у град и зборуе...“
10 Јануари, 2008 | Вести
„Кажуемо гачке“
14 Јануари, 2008 | Вести
„Чом, че јам, че дом“
16 Јануари, 2008 | Вести
„Зборуеме по велешки“
16 Јануари, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
BBC © ^^ Назад на почеток
Архива
BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>