|
Етнички поделби во Босна и Херцеговина | |||||||||||||||||||||||||||||||
По војната од 1992-1995, која се водеше околу тоа дали Босна и Херцеговина да остане дел од југословенската федерација или пак да стане независна, земјата беше поделена на два ентитета - едниот на босанските Срби и другиот на Бошњаците и Хрватите. Колку воените поделби по етничка линија останаа и денеска? Бања Лука денеска сега е главен град на Република Српска, ентитет со мнозинско српско население кој е во конфедерален сојуз со бошњачко-хрватската федерација. Во центарот се продаваат навивачки шалови со порака „Те сакаме Србијо.“ „Навивам за Србија“ Имајќи ги на ум навивачките реквизити, го прашав премиерот на Република Српска Милорад Додик, дали е можно во неговиот град да игра националниот тим на Босна и Херцеговина, а тој од трибините, облечен во репрезентативен дрес, да навива за босанскиот тим? -„Јас во репрезентативна смисла навивам за Србија. Дали е можно, да, секогаш е можно. Единствено не е возможно да облечам дрес на Бoсна и Херцеговина, бидејќи не сум активен спортист. Според тоа не би глумел кловн." Дали ова значи дека војната ги забетонира етничките поделби? Составот на владата на Додик не зборува во прилог на ова - од 16 министри, половината се Бошњаци и Хрвати. Но дали е тоа доволно? Во центарот на Сараево, на врнежливиот ден на државноста на Босна и Херцеговина, стотици луѓе потпишуваат петиција со која изјавуваат дека не сакаат да бидат ниту Бошњаци, ниту Хрвати, ниту Срби, туку Босанци и Херцеговци: -„Се оженив пред еден месец. Ме прашаа за националност и им велам Босанец и Херцеговец. А матичарката вели: 'Значи, останати'. Па добро, останати. Значи не постои можност да се изјасниш како Босанец и Херцеговец во земја која се вика Босна и Херцеговина." A дали тоа е можно на другата страна од замислената граница, во Република Српска? Југослав Јевџиќ е шеф на Младинскиот културен центар во Бања Лука:
-„Мислам дека младите не се идентификуваат себе си како босански државјани. На пример, Бошњаците повеќе се идентификуваат себе си како босански државјани, но тоа е многу помалку присутно кај Србите и Хрватите." Во самата Босна има многу примери за тоа дека на луѓето не им е битно кој од која нација е. Соработка Во Сараево сретнав полицајци, едниот Муслиман, другиот Србин, кои во војната биле деца, а сега работата заедно. Но затоа во Бања Лука пак зборував со зрели полицајци кои веројатно војувале, а сега тврдат дека одат низ светот со колегите со, условно речено, другата страна и заедно учат како подобро да работат. Поделбите очигледно постојат, но сепак сите имаат ист пасош, на кој пишува Босна и Херцеговина. Тоа, според многумина, за сега е доволно за земјата која мина четири крвави воени години. | ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ Негирање дека „Босна е пред колапс“30 Декември, 2008 | Вести Повратнички приказни од Босна30 Декември, 2008 | Вести Разурнувањата и обновата на Мостар30 Декември, 2008 | Вести „Сакам да се движам низ времето“30 Декември, 2008 | Вести Босна и Херцеговина во слики03 Декември, 2008 | magazine Репортажа на БиБиСи од Босна и Херцеговина02 Јануари, 2009 | Вести | |||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||