Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.comNews image
Ревидирано на: 31. Март 2011 - Објавено на 12:23 GMT
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
Бурните македонски години
Плоштадот во Скопје
Плоштадот во Скопје

БиБиСи на македонски јазик во своите 15 години постоење со програмите од Лондон и со јавувањата на дописниците во Скопје, го следеше развојот на независна Република Македонија речиси од нејзините почетоци.

Нашиот фокус беа внатрешните политички превирања, често напнатите меѓуетнички односи, економските проблеми, односите со соседите но и секојдневните случувања од животот на луѓето подалеку од политиката.

Едно од првите јавувања од Скопје за вестите на македонски јазик, во јануари 1996-тата година, се однесуваше на посетата на делегација од Советот на Европа во Скопје, само неколку месеци откако Македонија стана член на организацијата.

Пораките на тогашните европски претставници главно се однесуваа на потребата од унапредување на демократските процеси во Македонија, особено на односите меѓу етничките заедници - теми кои беа непрестано актуелни и во годините што следеа.

Со слични пораки од меѓународните дипломати БиБиСи на македонски јазик го заокружи своето постоење.

Во последните програми на нашата редакција, во март 2011, ги пренесовме зборовите што до македонските власти беа упатени од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави, во кои и натаму се посочува на потребата од поквалитетен политички дијалог, независно судство, но и загриженост за слободата на говорот и работата на медиумите:

Евро-амбасадорот Ерван Фуере
Евро-амбасадорот Ерван Фуере

Евро-амбасадорот Ерван Фуере, кој во Македонија помина пет години претставувајќи своевидна „жива врска" меѓу Брисел и Скопје, пред да си замине, на почетокот од март 2011, потсети дека Унијата очекува македонските власти да се фокусираат и да ги извршат неопходните реформи.

Да сторат повеќе за да се постигне независно судство, да го подобрат политичкиот дијалог, да ја департизираат јавната администрација - за Брисел да определи датум за почеток на преговори меѓу ЕУ и Македонија за полноправно членство во европското семејство:

„Луѓето се општо определени да ја видат земјава во Европската Унија. Нема друга алтернатива. Владата треба да покаже дека вистински е посветена на тоа и дека ги насочува сите напори на препораките од Брисел. Ако го направи тоа, тогаш ќе ги задоволи и аспирациите на граѓаните. Но во 2010 година видовме дека во многу области имаше одложувања и уназадување".

Од поинаков агол

Темата за евро-интеграцијата на земјите од југо-источна Европа, со тоа и на Македонија, се обидувавме да ја разгледаме и од поинакви, несекојдневни агли.

На пример преку прашањето: дали современата иднина на земјите од југо-источна Европа на некој начин е зацртана од минатото?

Поранешниот дописник на БиБиСи во Скопје, Атанас Кировски, побара одговор за тоа дали „отоманското“ или „австро-унгарското“ минато на земјите од југо-источна Европа е подобра „отскочна штица“ за влез во ЕУ:

БиБиСи низ годините доследно го следеше патот на Македонија кон рамноправно место во европското семејство.

Претседателот Борис Трајковски кој загина во 2004
Претседателот Борис Трајковски кој загина во 2004 година

Бевме и во Даблин, во февруари 2004-та, кога македонска делегација планираше да поднесе апликација за членство во ЕУ, но се случи авионска несреќа која го одложи процесот.

Тој ден преку Ирска стигна веста дека тогашниот претседател Борис Трајковски загина во уривањето на авионот со кој патуваше во Босна, се потсетува Жанета Скерлев која беше во Даблин со македонската делегација:

Инаку, претседателот Борис Трајковски при една од посетите на Лондон, кога беше гостин и на македонската редакција, учествуваше и во мошне популарната и престижна емисија „Хард ток“ со харизматичниот Тим Себастијан.

„Битка за Александар“

Речиси не може да се изброи колку пати во вестите на БиБиСи имавме јавувања, анализи или разговори околу спорот со Грција за тоа која од двете соседни држави на југот од Балканот има поголемо право над името Македонија.

Битка околу Александар Велики
Битка околу Александар Велики

Овој проблем во април 2008-та ја остави Република Македонија пред вратите на НАТО и покрај поканата за членство и исполнетите услови за тоа, а претставуваше и закана за идното зачленување во Европската Унија.

БиБиСи ја пренесе веста од самитот на НАТО во Букурешт, на кој Македонија очекуваше но не доби полноправно членство во Алијансата, како Хрватска и Албанија од тогашната „Јадранска група“. Известуваше Зоран Стевановски:

Освен на долгогодишните преговори меѓу Скопје и Атина, под покровителство на ОН, во нашите програми често се навраќавме и на фрустрациите на Македонците кои со години на различни меѓународни форуми, конференции или спортски настани мораа да го проголтаат привременото име на државата - „ФИРОМ".

Но и на ненадејното воскреснување на античката историја од поширокиот географски регион Македонија, во обид да се „израмнат сметките" со Грција - што предизвика бран меѓународни реакции и оддалечување на двете страни од компромисното решение.

Како до членство во ЕУ?
Како до членство во ЕУ?

Во една од емисиите со наслов „Европска панорама“ Зоран Стевановски и Игор Мицевски разговараа со познавачи за грчко-македонскиот спор и неговите последици:

Проблеми со соседите

Дописниците на БиБиСи во Скопје и новинарите/продуценти во Лондон често се навраќаа и на споровите со другите соседи. Јавувавме за границата со Србија, македонскиот идентитет оспоруван од Бугарија, порозноста на границата со Албанија и малцинските прашања во сите околни земји.

Направивме дури и обиколка на областите во Грција, Албанија и Бугарија каде што живеат етнички Македонци за да ги забележиме нивните традиции и обиди за сочувување на сопствениот етнички и културен идентитет но и политичката активност за официјално признавање како етничко малцинство во земјата во која живеат.

Регионот во Грција населен со етнички Македонци
Регионот во Грција населен со етнички Македонци

Слушнете ги репортажите:



Преслушувајќи стари ленти наидовме на ова интервју што Билјана Георгиевска го направи со поранешниот македонски претседател, Киро Глигоров, пред неговото заминување од позицијата во 1999 година. Тој признава дека бил наивен кога верувал дека меѓусоседските односи ќе се развиваат со взаемна почит и поддршка:

Киро Глигоров
Киро Глигоров

За патот кон демократски избори

Изборите во Македонија, кои речиси никогаш не се одвиваа сосема „мазно“ беа посебен предизвик за Македонската редакција на БиБиСи. Меѓународните набљудувачи освен вообичаените забелешки за прекршувања од типот полнење на гласачки кутии, купување гласови, семејно гласање или агитирање на избирачките места - бележеа дури и жртви од оружени престрелки.

Во вакви услови правевме напори за што поизбалансирано известување и претставување на сите „лица" на главните политички актери во Македонија:

Невољи во регионот

Светскиот сервис на БиБиСи преку Македонската редакција имаше постојан и богат извор на информации во годините на сериозни невољи во македонското соседство. За време на бомбардирањето на НАТО во Србија во 1999 и косовската бегалска криза што се прелеа во Македонија.

БиБиСи известуваше за бегалскиот бран од Косово
БиБиСи известуваше за бегалскиот бран од Косово

Тогаш нашите дописници во Скопје секојдневно сведочеа за мешаниците на граничниот премин „Блаце“, кон Косово, и испраќаа извештаи „илустрирани“ со звукот од експлозии во околината....

Редовно јавуваа за бегалците засолнети во кампот „Стенковец" покрај Скопје, каде што се судираа високата меѓународна политика и човечките приказни. За стравот на Македонците од можно нарушување на етничката рамнотежа во земјата и за политичката заднина на сите овие случувања.

И кога помисливме дека се е готово, почнаа немирите во Македонија во 2001. Им претходеа неколку гранични инциденти, киднаприрање и пукање кон македонските граничари...

Билјана Георгиевска покрај разурнатиот Лешочки манастир крај Тетово
Билјана Георгиевска покрај разурнатиот Лешочки манастир крај Тетово

Набргу, од Косово во скопската канцеларија дојде дописникот на БиБиСи телевизијата, Пол Вуд, со веста дека веројатно ќе почнат воени невољи и на македонско тло. Беше во право. Почна, според едни конфликтот, според други војната во Македонија. На едната страна, според едни- терористи, според нас - бунтовници. Се трудевме да известуваме што е можно поизбалансирано, свесни дека во таква - воена ситуација, ни се мери секој збор.

Албански бунтовници во Македонија
Албански бунтовници во Македонија

Таа 2001 година беше драматична за Македонија, но и за нашата редакција. Одеднаш, речиси преку ноќ, ненајавено, емитувањето на програмите на БиБиСи на македонски беше прекинато од Македонското радио, а потоа како домино ефект прекинаа да ре-емитуваат БиБиСи и 23-те локални радија.

Некои од македонските весници пишуваа за наводен „БиБиСи-заговор“, а нашите дописници во земјата на своја кожа ги почувствуваа емотивните реакции на луѓето.

Но и тоа помина. Велат дека „тоа што не може да ве порази, може да ве направи само посилни".

Па така, БиБиСи на македонски продолжи да ги бележи деталите околу операциите на НАТО и ЕУ за собирање на оружјето од цивилите и стабилизација на земјата, со необични имиња: „Суштинска жетва“, „Килибарна лициса“ „Сојузничка хармонија“, „Конкордија“ и „Проксима“...

А подоцна во своите програми остави многу повеќе простор за другите, мирнодобски теми. За невработеноста, животниот стандард, за образованието, културата, филсмкото творештво, џез фестивалот...

ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Босна и Херцеговина во слики
03 Декември, 2008 | magazine
НАЈНОВИ ВЕСТИ
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
BBC © ^^ Назад на почеток
Архива
BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>