|
Што остана од револуционерната 1968? | |||||||||||||||||||||||||||||||
За многумина, 1968 година има вредност на еден исклучително важен пресвртен момент во европската, а и во светската историја. Некои на неа гледаат како на револуционерна точка која направи сериозен социјален и политички пресврт уништувајќи ја секоја можност за идеолошки разликувања. Но за други, таа беше левичарска порака која подоцна се претвори во сопствената спротивност. Всушност, 1968 година, во глобалната политичка историја но и митологија, остана врежана по два настани: „прашката пролет“, која требаше да биде симбол на отпорот кон тоталитаризмот и „мајските“ настани во Париз во кои студентите и синдикалците се произнесоа кон политиката на „таткото на нацијата" Шарл Де Гол и чиј поттекст беше отпорот кон авторитетите, системите на моќ, против задушувачкиот ефект на централизираноста. За многумина, настаните таа година беа само уште едно историско сведоштво за обидот на некои елити да се пресметаат со власта и моќта која таа ја претставува. Но, ете 40 години подоцна по повод руско-грузискиот конфликт....
-„Ова не е 1968 година и инвазијата на Чехословачка кога Русија можеше да им се заканува на соседите, да го окупира главниот град, да ја турне владата и да се извлече со тоа." Дали, како што вели во оваа своја изјава американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, работите се смениле, е предмет на поширока политичка дебата. Но на идеолошко ниво, општествените мислители дебатираат дали идеологијата после 1968 конечно умре. Дека тоа е само делумно така, зборува и фактот што идеолошката определба на елитите во Европа денес се’ уште е жива...иако има проблеми со идентитетот. Никола Гелевски, теоретичар кој ја начнува темата на постмодерната, вели дека левичарските струења од '68-та навистина се претворија во својата спротивност: -„Денес тој модел од '68-та и на таа стара европска левица е дефинитивно мртов. Немаме модели на отпор во новово време и тие ќе треба да се наоѓаат. Во таа смисла, денес не само што делува разводнето борбата против авторитетите, туку и голем дел од оние што се бореа се токму спротивното ’хипиите’ станаа ’јапии’, борците против Виетнам денес го бомбардираат Ирак.“ Десница Па дали е тоа причината што во денес десницата доби на сила? Професорот по филозофија Бранислав Саркањац зборува за тоа дали сегашната нејзина сила доаѓа како реплика на 68-та?
-„Не, мислам дека реплика не може да биде. Едноставно, така се наместија коцките. Живееме во општества кои се се' покомплексни, тие општества не можеш да ги контролираш во една хиерархиска држава, левата опција зборува за социјална држава, меѓутоа кога ќе кажете ’социјална држава’, тоа подразбира дека морате да имате поголема контрола од врвот.“ Тогаш на што се должи подемот на европската десница? -„Подемот на десницата мора да се поврзе со новиот економски национализам кој се појавува во Европа во последниве три четири години." Сепак, последната економска криза повторно го испровоцира државниот интервенционализам и потребата посилно да се регулираат пазарите. Можно ли е идеолошкиот пејсаж наскоро да претрпи уште една промена? | ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ Влатко Галевски - уредник27 Октомври, 2008 | magazine Бранислав Саркањац - филозоф28 Октомври, 2008 | magazine Никола Гелевски - колумнист29 Октомври, 2008 | magazine Александар Станковски - уметник29 Октомври, 2008 | magazine | |||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||