|
Бранислав Саркањац - филозоф | |||||||||||||||||||||||||||||||
Каква е археологијата на настаните кои во Европа се случуваа во 1968 година и за последиците од нив. Професорот по филозофија Бранислав Саркањац зборува за тоа што ново донесе таканаречената „мајска револуција“, но и за тоа каде се најде десницата по неа? Со него разговараше Игор Мицевски -„68-та донесе многу на планот на човековите права, донесе многу на планот на глобалното поврзување, на план на тоа како се гледа на комунизмот и на марксизмот во западна Европа и многу работи во поглед на војната во Виетнам. Таа значеше отпор кон ’естаблишментот’, значи отпор според правилата на студентите. Студенти од цел свет протестираат, се поврзуваат со синдикати. Она што е многу интересно е што тоа се првите генерации кои израснаа со телевизијата и со гласилата. Така што тоа беа и првите протести кои беа така силно медиумски покриени. 1968 година ја роди постмодерната мисла ако сметаме на планот на дискурсот па може да се каже и на политички план. Таа година им ги растури илузиите на евро-комунистите дека во Советскиот сојуз се гради ново општество. Дефинитивно се растури таа приказна. Луѓе како Жан-Пол Сартр покажаа отворен отпор кон тој свет. Така што критиката на капитализмот остана, но веќе од 1970-те имате критика на капитализмот која на западот повеќе не се повикува на марксизмот. Имате затоа постмодерен дискурс, остана старата критика, меѓутоа обландата е поинаква.“ БиБиСи: Што се случи со десницата? -„Десницата потоа многу брзо ќе се врати на сцената оти лекциите ќе бидат научени. Со протестите во Калифорнија, Сан Диего. Херберт Маркузе еден од големите антрополошки и марксистички имиња. Тогаш се зборуваше за трите М: Маркс, Мао и Маркузе. Тоа беше една каша оти од денешна перспектива сите тројца се неспоиви, бидејќи Маркузе важи за еден од најголемите критичари на марксизмот иако тој е во неговите рамки. Сакав да кажам, кога беа протестите во Калифорнија 1968, гувернер на државата беше Роналд Реган кој 10 години подоцна стана американски претседател. Тоа што десницата се враќа нема многу врска со 68 година туку има врска со проблемот на неуправливост кој се јавува во западните земји и со нафтениот шок од 1970-те години. БиБиСи: Се теоретизира дека 1968 го означи почетокот на губењето на идеолошките идентитети? -„Да, може да се зборува во таа смисла. Барањата на студентите за повеќе права и подобар стандард во Соединетите држави, кога и се појавува феминизмот на сцена, како и појавата на борците за правата на луѓето од ’третиот’ свет создадоа една глобална перспектива за промена на светот. Културолошки гледано, една работа која мене ми е многу интересна е тоа што шеесетите години се разви отпорот кон традиционалното и барања за самоостварување. Индивидуализмот стапи на сцена во една поинаква форма. Луѓето кои слободно мислат и оние кои се против војните, кои не го сакаат колонијализмот, бегаат од тој свет. А во тоа бегство бегаат и од семејството и од традицијата, и одат во еден свет на самоостварување. И тоа ќе трае кратко во тој облик. Тие луѓе во своето бегство, и не сакајќи се навлекуваат на конзументство - самите тие. Парадоксално, една хипи-култура се претвора во култура на конзументство. Бегаш од семејството и живееш сам - приказната со комуните завршува многу скоро. За да живееш сам како независна индивидуа, ќе видиш дека ти треба кола, стан. На крај добиваш луѓе кои живеат сами и кои купуваат работи за да живеат како тие со семејство. Шеесетите години го родија индивидуализмот врзан со семејството - тоа на почетокот беше несакан ефект. Зборувам за индивидуализам кој е чист, кој се повикува на мислители од Индија во кој што ти не си роб на предметите туку си во духовна потрага. Тоа спласна брзо но и ден денес мислам дека тоа функционира.“ БиБиСи: Дали тоа значи дека потрагата по социјална правда од 60-те само го потврди капитализммот? -„Така излегува. Токму така излегува. Седумдесетите годин, кога доаѓа проблемот на неуправливост со нафтениот шок, тогаш повторно доаѓаат десничарите, со познатата приватизација. Кога Тачер вели дека овие големи фирми не функционираат, прескапи се, трошат, не функционира ни социјалата и тогаш се носи таа одлука да се приватизираат големите фирми. Интересно е тоа што приватизацијата не се прави кај со еден човек. Сите тие фирми се продаваат на милиони Британци. Идејата на Тачеризмот беше што поголем број Британци да станат сопственици и на имот и на капитал.“ БиБиСи: Дали на денешниот подем на десницата може да се гледа како на некој тип на реплика кон 1968 година?
-„Не, мислам дека реплика не може да биде. Едноставно така се наместија коцките. Според мојата перспектива, живееме во општестава кои се се' посложени, многу динамични и многу разновидни. Тие општества не можеш да ги контролираш во една хиерархиска држава од стариот тип. Современите општества работат со концепти како општествено - политичко управување, автономна држава или ’autonomous state’. Сите тие се многу поблиски до десната отколку до левата опција - левата зборува за социјална држава меѓутоа кога ќе кажете ’социјална држава’, тоа подразбира дека морате да имате поголема контрола од врвот на државата, која нели треба да го редистрибуира доброто. Подемот на десницата мора да се поврзе и со новиот економски национализам кој се појавува во Европа во последниве три - четири години. Европските фирми излегуваат вон Европа за да бидат попрофитабилни оти надвор се’ им е поевтино. Сега нивните граѓани инсистираат на тоа нивните економии да бидат национални и заштитени. Ем што фирмите одат надвор, ем им доаѓаат имигранти или работници од новите членки на ЕУ, ем им паѓа стандардот и општо се незадоволни од политиката на Брисел. Брисел го гледаат како што ние порано ја глдеавме Москва или Белград - еден одлепен центар. Тој тера голем проект на држава а не води сметка за обичниот човек. Унијата во очите на многу луѓе испадна проект кој го водат неколку бирократи кои не водат сметка ниту за обичните луѓе ниту за националните интереси. И државите самите и во рамките на Унијата се штитат едни од други. На пример француски фирми под директива на државата се фузионираат за да не може да ги купи италијанска фирма.“ БиБиСи: А нели е и тоа некој вид на државен интервенционализам? -„Тоа е еден вид државен интервенционализам. Баросо и реагираше на тоа оти го откри пртоблемот на тој нов економски национализам и протекционизам внатре во Европската унија.“ БиБиСи: Тогаш каков идентитет има оваа десница сега, и каде е Македонија во сето тоа? -„Мене ми е блиска идејата за контролиран капитализам.“ БиБиСи: Какви одеци има 1968 денес? -„На примерот на Македонија нема никакви одеци. Македонија нема никаква полза ниту од таа прочуена пост модерна мисла. Да имаше останато нешто од 1968 година, проблемот со БЈРМ немаше да биде толку време туркан на страна или пак санкциите од Грција (немаше да се случат). Каде се сега постмодерните мислители од Франција да изреагираат во врска со спорот за името. Постмодерната ги растури големите приказни, но има и мали приказни кои се империјалистички со кои е опкружена Македонија - каде се сега луѓето од 68 година?“ | ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ Што остана од револуционерната 1968?29 Октомври, 2008 | magazine Влатко Галевски - уредник27 Октомври, 2008 | magazine Никола Гелевски - колумнист29 Октомври, 2008 | magazine Александар Станковски - уметник29 Октомври, 2008 | magazine | |||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||