Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.comNews image
Ревидирано на: 23. Јуни 2008 - Објавено на 07:40 GMT
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
Албанија: Добредојдени на море!
Албанија
Зад границата се редат планински венци
БиБиСи на македонски деновиве објавува серија за промените во Албанија, скоро две децении по падот на комунизмот. Колку се гради, како напредува туризмот, како се патува? И каква е атмосферата во земјата по поканата за членство во НАТО?

Билјана Георгиевска се обиде да открие повеќе, патувајќи низ средишните делови од Албанија.

Како до морето?

На граничниот премин Ќафасан, рано наутро, во пролетен месец, немаше многу возила ниту луѓе кои пеш ја минуваат границата меѓу Македонија и Албанија.

Немав проблеми околу добивањето виза. Со мојот македонски пасош платив само едно евро такса, што граничните служби не го побараа од мојот сопатник, етнички Албанци со ист пасош како мојот.

„Па добредојдовме во Албанија“. Бункерите се првата глетка која ќе го шокира погледот на човек кој не стапнал претходно на албанско тло. Вкопани во ридовите, некаде обраснати со зеленило, со отвор „завртен во насока на можниот напаѓач, однадвор“ - додаваат моите домаќини.

„Барем некој да не нападнеше за сите тие децении", велат Албанците на кои им здодеале љубопитните прашања од странци околу илјадниците бункери кои се’ уште им ја нагрдуваат природата низ целата земја.

Напредок

Но ова се други времиња за земјата која е пред влез во НАТО и за која велат дека во последните 10-15 години е изградено колку за сите пет децении претходно.

Земја која дури во последните години реши да му го покаже на светот своето љубоморно чувано богатство - морскиот брег!

Но пред да стигнете таму, одморете се во Елбасан.

Елбасан

Елбасан, град во средиштето на Албанија, порано се сметал за центар на земјата. Велат дека има околу 300 илјади жители. Делува живо во понеделник пред пладне, има пешачка зона покрај една сочувана стара тврдина и улица целата со палми.

Многу е потопло во споредба со местата од каде што дојдов, од другата страна на границата. Во Елбасан почнува да се чувствува медитеранската клима.

Во градот има универзитет и многу млади луѓе кои како и секаде во овој регион, седат во кафулињата и уживаат на сонце.

Вреди да се биде љубопитен и да се ѕирне зад портите на старата тврдина во Елбасан, која од надвор не изгледа многу различно од другите на Балканот.

Внатре има нешто како градина и делува фантастично на прв поглед, со мали кафеначиња сместени во тврдината како во некој амфитеатар. Има спој на нови градби и на она што останало од старите ѕидини. Навистина е многу убаво, полно со луѓе кои уживаат под сенките на градината...

А што ви паѓа прво на памет кога ќе го спомнете Елбасан? Ако сте гурман како мене, тогаш „Елбасан тава“....

Како што ми објаснува една од готвачките во ресторанот што се крие зад портите на тврдината, не сме грешеле во рецептот - јагнешко, со кисело млеко, јајца и малку брашно... со таа разлика што во Албанија оваа тава се прави и со пилешко месо.

Но ова беше само кус момент посветен на кулинарски вештини. За да стигнеме до Драч и до морскиот брег со време, брзо се вративме во автомобилот.

Топло добредојдени

Правецот Ќафасан - Драч лесно се вози, за разлика од делницата кон Тирана која минува низ планински превои.

Патот е двонасочен, добро асфалтиран, пристојно означен и ги остава планините од својата десна страна. Но сепак препораката од моите домаќини беше дека 50-60 километри на час е разумна брзина и тоа преку ден!

Драч, плажа

Непосредно пред влегувањето во Драч сообраќајот стана пофреквентен, со многу товарни возила кои се движат кон југот на земјата.

Драч е големо пристаниште и огромен дел од снабдувањето на земјата оди преку него. Во самиот град се забележува напредок, брз развој, со многу градежни зафати.

Ако го мерите времето од граничниот премин Ќафаса, за три-четири часа, со куси паузи, можете да ја допрете водата во Јадранското море.

На плажата покрај Драч угостителите ме уверуваат дека тоа се’ почесто го прават гости од Македонија, посочувајќи ми неколку семејства од Тетово, „и тоа Македонци а не само етнички Албанци“ - како што нагласуваат, кои наминуваат тука секој викенд.

Зошто да не - Драч сега, додека трае децениската напнатост меѓу Македонија и Грција околу нерешениот спор за името на државата, се чини е најблиското море каде што Македонците се топло добредојдени!

ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Албанија: Колку се гради?
24 Јуни, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
BBC © ^^ Назад на почеток
Архива
BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>