|
Албанија: Колку се гради? | |||||||||||||||||||||||||||||||
Колку се гради, како напредува туризмот, како се патува низ Албанија? И каква е атмосферата во земјата која неодамна прими покана за членство во НАТО? Билјана Георгиевска патуваше низ централните делови од Албанија и еве како го опишува степенот на изградба на земјата. Долж целото патување од македонско-албанската граница до Драч, а потоа и кон Тирана, Круја или друга насока - ќе видите нови куќи, големи во живи бои. Некаде осамени среде ниви и зеленило, или пак во селата...А доколку семејството е побројно - тогаш куќите се наредени во линија, неколку исти. Видов голема и нова куќа дури и на врвот на остри и тешко достапни карпи високо на една од планините. Но, најмногу се гради во главниот град Тирака и долж морскиот брег. Туристички села Драчкиот залив, дамнешно излетиште на жителите на Тирана, некогаш бил едноставен: море, песок и четинари кои го делеле од патот. Со „недопрена убавина“ како што објаснуваат луѓето со подолго паметење. Сега изгледа сосема поинаку. Се разбира, тука се морето и песокот... но веднаш зад нив се нижи долг појас нови и шарени хотели или згради со приватни станови. Само малку од дрвјата го преживеале овој градежен бум. Колегата од албанската редакција на БиБиСи, Назим Рашиди додека се возевме околу Драчкиот залив ми раскажа повеќе детали за ова место: -„Ова е „Мали и робит" е една од најдобрите плажи во заливот на Драч. Се смета за еден од најчистите региони и сега е полн со мали туристички села.“
-Назим, сето ова делува многу ново? „Да, многу е ново, може да се види разлика меѓу градбите од пред 5-6 години и новите кои се уште се довршуваат. Ова е еден од најелитните делови на Драч. Ги градат разни инвеститори. А потоа ги продаваат. Некои од нив се купени од луѓе од различни краишта на Албанија, но претежно од Тирана. Ги купуваат и луѓе од Македонија, посебно етнички Албанци, а некои дури почнуваат овде и бизнис. Но без оглед на приватниот имот, плажите се јавни. Секој може да ги користи.“ За да добијам уште појасна слика за тоа колку е изградено во Албанија во последните години, побарав одговор од Илир Ќерфози, владин директор за градежна политика: -„Не можам во проценти да кажам, но колку што беше изградено во петте децении по Втората светска војна, толку е изградено за последните 10-15 години.“ -А кој вложува? -„Во почетокот главно соседните земји, но во последната деценија инвестираат Албанци, со приватен капитал. Странски вложувања има најмногу од Италија, па Грција, Турција...Прво се вложуваше во туризмот, се сметаше дека таму добивката ќе биде најголема. Но сега се вложува во разни погони како и во прехранбената индустрија.“ Но Ќерфози признава дека масовното градење во Албанија го следи и корупција и градење без довола - посебно во годините по падот на комунизмот, кога една третина од руралното население како што вели - побрзало да се пресели во градовите.
Мојот соговорник не криеше дека е свесен оти инфраструктурата во Драчкиот залив и во Тирана е кревка и недоволна за толкав наплив нови станови. Како и тоа дека Тирана се гуши во сообраќај и дека е неопходно осовременување на патиштата, телефонскиот сообраќај, електро-мрежата. Но сепак со оптимизам ми рече дека Тирана за десет години ја гледа како „метропола не само на Албанија туку и на југо-западен Балкан". За ова да се случи, веројатно ќе помогнат неколкуте таканаречени „бум-проекти“. Ќерфози посочува на француски и белгиски инвестиции за изградба на големи деловни центри во Тирана, за што се веќе почнати градежните работи. Како и проектот за преиначување на градскиот плоштад во широка но ниска пирамида, но и огромниот надвозник кој се гради на еден од влезовите во Тирана за да го олесни сообраќајот. „За оние кои ќе го прежвеат сегашниот хаос“ - ќе речат луѓето на кои им е преку глава од сообраќајниот застој и градежната прашина во овој дел од градот. Во меѓувреме Тирана останува спој на спротивности. Со новите згради залепени до старите комунистички сронати блокови, со излупени фасади и балкони кои ќе помислите дека секој миг ќе паднат. Можеби малку помогнал „мејкапот“ на популарниот градоначалник Еди Рама кој со живи бои и шарки низ фасадите се обиде да го покрие старото сивило од комунистичко време. Но луѓето би биле посреќни ако ова е само преодна фаза до целосно нова и модерна Тирана. | ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ Албанија: Добредојдени на море!23 Јуни, 2008 | Вести Албанија: „југот е модерен, но Драч е поефтин“24 Јуни, 2008 | Вести Албанија: НАТО како чекор до ЕУ26 Јуни, 2008 | Вести Албанија: за развој треба стабилен регион27 Јуни, 2008 | Вести | |||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||