|
Албанија: за развој треба стабилен регион | |||||||||||||||||||||||||||||||
БиБиСи на македонски денес ја заокружува серијата што се емитуваше оваа недела за промените во Албанија. Колку се гради, како напредува туризмот, како се патува? И каква е атмосферата во земјата по поканата за членство во НАТО? За овие прашања, Билјана Георгиевска разговараше со Селим Бељортаја, ивршен директор на Албанскиот центар за меѓународна трговија, и прво го праша како тој го дефинира развојот на земјата во последната деценија: Бељортаја: -„Албанија има јасни знаци на економски раст и стабилност. Покрај макро-економската ситуација имаме напредок и во други аспекти. Политичката клима е подобра во споредба со другите земји од регионот, а голем напредок има и во инфраструктурата, посебно во изградбата на патишта. Токму тоа може да ја зголеми атрактивноста на земјата за туристите. Албанија од секогаш била сметана за земја погодна за туризам, поради убавите плажи, пејзажи, планински предели, но патиштата секогаш беа голем хендикеп. Сега ситуацијата брзо се менува.“ БиБиСи: Која е темната страна од ваквата брза изградба. Прашањето за корупција е доста присутно во албанската политичка дебата? Бељортаја: -„Се разбира, како на секое градилиште, постои и друга страна кога сте „во изградба"... Има проблеми околу индустрискиот отпад и секој друг отпад. Властите велат дека справувањето со ова е еден од нивните приоритети.“ БиБиСи: Дали парите за изградба доаѓаат од странски инвеститори или од Албанците кои работат во странство? Бељортаја: -„Главен извор е домашниот приватен бизнис, кој во последните 2-3 години сочинува преку 70% од домашниот производ. Но клучна улога играат и приватните трансфери од емигрантите. Во 2007 оваа сума беше за 1,3 пати поголема од заработувачката од извоз. Се работи за многу пари, а најголемиот дел од нив се насочени кон развој на туризмот.“ БиБиСи: Претпоставувам дека очекувате членството во НАТО, како печат за стабилност на земјата, уште повеќе да го забрза економскиот напредок и да ги засили односите со ЕУ?
Бељортаја: -„Тие работи се поврзани. Членството во НАТО пред се значи стабилност. А стабилноста е прв предуслов за инвестиции, посебно странски. Дури и пред поканата од НАТО странските инвестиции пораснаа за два пати минатата година.“ БиБиСи: Но регионот не е целосно мирен. Се’ уште е отворено прашањето на стабилноста во Косово, односите со Белград се напнати, Македонија е изолирана поради спорот со името со Грција... Дали Албанија стравува за сопствениот развој во вакво опкружување? Бељортаја: -„Точно, таквата ситуација влијае врз развојот на сите земји од регионот. Овие влијанија имаат две лица. Од една страна се однесуваат на индивидуалните можности за развој на секоја земја. А од друга страна на заедничките предизвици во регионот. Во денешниот глобализиран свет, подобро е да се имаат заеднички регионални пристапи. Па така, случувањата во Македонија, Грција, Косово па дури и во Србија пред изборите, кога се ставаа етничките содржини во центарот, сите имаат негативно влијание за сликата на регионот како погодна дестинација за директни странски инвестиции. Тоа би можело да ги избриши предностите од ЦЕФТА 2006 и од регионалните пристапи и од достигнувања на Пактот за стабилност. А со нив сите ние успеавме да го трансформираме овој турбулентен регион во стабилен регион. Сега таквите проблеми би можеле да имаат спротивен ефект. Се разбира дека и покрај таквите услови Албанија сепак би можела да напредува во туризмот на краток рок, како резултат на тензиите кои постојат во соседните земји. Но ние не сме среќни поради тоа. Би ни користело повеќе регионот да е стабилен, па придобивките да бидат долгорочни“- вели Селим Бељортаја во интервју за БиБиСи. | ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ Албанија: Добредојдени на море!23 Јуни, 2008 | Вести Албанија: Колку се гради?24 Јуни, 2008 | Вести Албанија: „југот е модерен, но Драч е поефтин“24 Јуни, 2008 | Вести Албанија: НАТО како чекор до ЕУ26 Јуни, 2008 | Вести | |||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||