Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.comNews image
Ревидирано на: 26. Јуни 2008 - Објавено на 07:19 GMT
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
Албанија: НАТО како чекор до ЕУ
Љуљзим Баша во разговор со Биљана Георгиевска
Баша за БиБиСи вели дека Албанија е на вистинска патека
Дали поканата за членство во НАТО Албанија ја доживува како голем чекор напред во остварувањето на своите соништа? Редакцијата на БиБиСи на македонски јазик деновиве објавува серија репортажи за промените кои последниве години се случија во земјата.

Билјана Георгиевска ни ја пренесува атмосферата од улиците на Тирана, по самитот на НАТО, во април во Букурешт, на кој Албанија и Хрватска и официјално беа поканети да се зачленат во Северно-атланската воена алијанса.

По децении изолација, а потоа и домашни превирања, Букурешкиот самит на НАТО во април беше момент на остварување на еден од големите соништа - ме уверуваа речиси сите мои соговорници во Албанија.

Но тука не запираат нивните надежи. НАТО се смета за сигурно скалило кое ќе води кон отворање на вратите и на Европската Унија.

Природна насока

„Земјата тргна во својата природна насока", вели министерот за надворешни работи Љуљзим Баша во интервју за БиБиСи:

-„Самитот во Букурешт е историски настан не само за мојата земја туку и за Албанците насекаде. По децении насилство и изолација, Албанија оди кон нејзината природна насока, а тоа е Европа. И тоа не само во географска смисла, туку во однос на западните вредности, демократијата, човековите права, почитувањето на слободата на говорот, отворениот пазар“.

Но и покрај речиси 90% јавна поддршка за влез во НАТО, на улиците во Тирана освен оптимизам, ќе ги слушнете и овие дилеми:

„Албанија во Европа“
„Албанија во Европа“

-„Ова е голема шанса за земјата, но сепак би сакал прво да се зачленевме во Европската Унија, а потоа во НАТО. Иако и во тој процес ќе имаме многу проблеми, кои се стари и доаѓаат од еден режим кој имаше поинаква култура. Сега треба да го смениме менталитетот и полека да станеме дел од Унијата. Во Албанија има напредок, но тој е повеќе визуелен, за промените во начинот на размислување треба повеќе време.“

-„Луѓето се ентузијасти затоа што веруваат дека на политичко ниво ова е добро, добивме имиџ , светот ќе не гледа како НАТО членка. Но јас лично морам да признам дека не знам доволно - што точно членството ќе значи за мојата земја. Не сакам да бегам од оптимизмот, но тој треба да биде ставен во функција, да не одиме премногу во илузија. Еден негативен ефект кој го гледам е тоа што не сакам многу Албанци да загинат во Авганистан. А тоа е цената што ќе треба да ја платиме.“

-„Се’ е исто како и порано само со различни луѓе. Дури и полошо е. Нема работа, нема ништо. Јас не гледам развој, јас сум студент и толку напорно се трудам да си го најдам местото, да станам некој, а не можам. Има премногу корупција.“

Можност за докажување

Овие резерви, според Алма Сулај, уредник во телевизијата „Алсат“ во Тирана, се должат од една страна на тоа што властите се задржуваат главно на политичкиот успех а помалку на обврските, а медиумите не прават доволно анализи:

Алма Сулај вели - недостигаат анализи
Алма Сулај вели - недостигаат анализи

-„Обичните луѓе знаат дека ова е добар чекор кој ќе не доближи до Европската Унија, но не знаат многу за обврските. Постои ентузијазам но е кревок. ’Грдец’ е еден од примерите кои покажуваат дека сепак не е се така стабилно. Овој случај покажува дека има корупција која сега не е толку банална, туку оди многу длабоко. Затоа сегашниот ентузијазам сметам дека е далеку пореален од оној по падот на комунизмот, кога беше иделистички.“

Расчистување на околностите околу експлозијата на воените складишта во Грдец, недалеку од Тирана во март, кога загинаа преку 20 луѓе, а оштетените куќи се’ уште се гледаат, се чини е првиот сериозен тест за властите во Тирана - да докажат дека имаат моќ да ги применат стандардите на организацијата која ги покани за членство.

ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ
Албанија: Колку се гради?
24 Јуни, 2008 | Вести
НАЈНОВИ ВЕСТИ
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
BBC © ^^ Назад на почеток
Архива
BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>