|
Албанија: „Jугот е модерен, но Драч е поефтин“ | |||||||||||||||||||||||||||||||
БиБиСи на македонски оваа недела објавува неколку репортажи за промените во Албанија во последните години. Колку се гради, како напредува туризмот, како се патува? И каква е атмосферата во земјата по поканата за членство во НАТО? Билјана Георгиевска разгледува што можете да очекувате како турист во Албанија? Пред очи ми се сеќавањата од пред децении, кога од плажите крај Охрид со еден стар двоглед од татко ми, упорно се обидував да продрам зад невидливиот ѕид кој ја изолираше земјата од другата страна на езерото. Немав слушнато ниту за некој што излегол, ниту за таков што влегол во Албанија. Следеа години на сериозни политички бури во регионот, по кои Албанија сигурно заплови во помирни води. -„Минатата година имавме еден милион туристи, а оваа година сме подготвени за два милиони. Нудиме сонце, плажи, песок... ја промовираме албанската култура, кујната, црквите и манастирите.“
Кога на Крист Андони, советник на албанскиот министер за култура му го пренесов стравот кој претходно го слушнав во Македонија, дека Македонците се плашат да дојдат со автомобил во Албанија - за да не останат без него, и дека стравуваат воопшто за безбедноста, тој се обиде да ме увери дека се работи за „погрешен имиџ" за неговата земја: -„Тоа е погрешна слика. Ние сме најбезбедната земја во светот! Албанија е позната како земја отворена кон гостите. Минатата сезона немавме ниту еден инцидент со туристите. Министерството за внатрешни работи оваа година има посебна стратегија за помош на патиштата, за да се одбегнат несреќи. Секој гостин од Македонија што ќе дојде со автомобил, ќе наиде на добра атмосфера. Патот кон Скадар е многу добар, а сега се работи на јужниот дел, кон Валона и Саранда.“ Доколку дел од Македонците годинава решат да ја сменат насоката за годишен одмор од југ кон запад, моите соговорници во Тирана го препорачуваат јужниот Јонски брег. Телевизиската режисерка Евис Војка:
-„Убави се морето, малите плажи и каменестиот брег. До некаде и патот е во ред, иако се’ уште има лоши парчиња, но не е толкав проблем како пред 10 години. Во последно време има напредок во инфраструктурата и во услугите“ - вели Војка. Деналда Кузуми, економски аналитичар: -„На југ е помодерно и поубаво, малку е поскапо, но луѓето се пријателски, дефинитивно ќе имате изненадувања.“ За оние со помал буџет Деналда го препорачува Драч. Широка, песочна плажа, со плитко море и појас долг со километри од згради, хотели, ресторани и барови. Дел од нив се инвестиција на Албанци кои со години работат во странство. Семејството на Артур, кого го сретнав во барот „Палмас“ вложило во угостителство, а тој сега во Драч гледа поголема шанса отколку во Лондон, каде што работел неколку години. Можеби со извесно доцнење, но албанскиот туризам сигурно го фаќа чекорот со соседите од Средоземното море. Пополнувањето на празнините низ брегот долг 450 километри - сега им е приоритет, уверуваат властите. И додаваат дека се сосема свесни оти туризмот ќе биде еден од столбовите на кои во иднина ќе почива албанската економија. | ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ Албанија: Добредојдени на море!23 Јуни, 2008 | Вести Албанија: Колку се гради?24 Јуни, 2008 | Вести Албанија: НАТО како чекор до ЕУ26 Јуни, 2008 | Вести Албанија: за развој треба стабилен регион27 Јуни, 2008 | Вести | |||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||