|
Велешката пастрмајлија - единствена! | |||||||||||||||||||||||||||||||
Во Велес се подготвува каплама-тава со џигер и ориз, сарма од лозов лист и мусака со модри патлиџани а од јагнешко месо се прави елбасан-тава или чорба позната како чкето, но сепак најпознат велешки специјалитет е питата пастрмајлија. Слушнете од Дијана Ристова. Рецептот за велешката пита пастрмајлија ни го открива Славица Стојановска, пита-мајстор во еден познат велешки ресторан: -„Се замесува со брашно, топла вода, квасец, сол и малку шекер. Откако тестото ќе отстои и ќе стаса се формираат топчиња од кои потоа се развлекува пита пастрмајлија. Се филува со месо и задолжително се става овча пастрма." Што е пастрма? -„Овчата пастрма всушност е солено и отстоено, сушено овчо месо. Не е саламурено како што викааат некои, не е ниту пушено, туку само солено, суво овчо месо " - објаснува Славица. Пет минути пред крајот на печењето врз месото се става јајце, а откако ќе се испече, венецот на питата се мачка со свинска маст, за да биде мек за јадење. Подготвувањето на пити пастрмајлии во Велес има голема традиција. Традиција Порано домаќинките ги подготвуваа дома, но денес поедноставно е да се порачаат преку телефон, а кафеаните нудат услуга, дистрибуција до дома, објаснува Зоран Тодоровски, келнер во велешка кафеана: -„Полесно е да си порачаат отколку да прават дома, ...не се погодило брашното или не се испекло добро. Тука мајсторот си ја знае својата работа." Со ова се согласуват и велешанките:
-„На денешниве домаќинки не им се работи многу. Нашите баби и дедовци на времето спремаа дома. Нема пари, но полесно ни е да си купиме или да ни донесат дома.“ Конкуренција? Пастрмајлии се прават и во други градови во Македонија, но само велешката пита има пастрма, по што всушност и го добила името оваа пита: -„Само во Велес се прави пита пастрмајлија, за разлика од штипската пастрмајлија каде што не ставаат пастрма. Па ако нема пастрма не е пастрмајлија." -„За разлика од Велес во останатите градови на Македонија секаде каде што сум пробала, никаде не употребуваат пастрма. Ретко употребуваат јајце, додаваат и кашкавали и сирења и кечапи и мајонези. Се губи и мирисот и вкусот на пастрмајлијата. Не е тоа тоа." Питите пастрмајлии можат да се јадат во текот на целата година, но традиционално се подготвуваат во зимскиот период, најчесто од октомври па до месец март. Велешката пита пастрмајлија се јаде како главно јадење со лута или блага пиперка, и најдобро оди со црно вино. | ЛОКАЛНИ ЛИНКОВИ Кумановски „мезл'к“14 Јули, 2008 | Вести Кавадаречкиот маџун е и лек15 Јули, 2008 | Вести Прилепски ширден15 Јули, 2008 | Вести Шкембарска шкембе чорба17 Јули, 2008 | Вести Пастрмајлии од источна Македонија22 Јули, 2008 | Вести Скопје и храната23 Јули, 2008 | Вести Познатото битолско мезе23 Јули, 2008 | Вести Струшки ѓомлезец25 Јули, 2008 | Вести | |||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||