|
Средбите со историјата | |||||||||||||||||||||||||||||||
Човечката историја може да се гледа низ многу различни призми. Можете да ја гледате „калеидоскопно“ и таа тогаш добива ироничен шарм или вкус на егзистенцијалистичка потсмешливост и фарса. Но, секако, можете да тргнете и по поинаков пат - да тежнеете да ја видите што пообјективно, во нејзината повеќестрана суштина, да се обидете да погледнете зад настаните, да ја соблечете од привидот. И токму ваквата историја БиБиСи на македонски се обидуваше да ја донесе во домовите на слушателите последнава една и пол деценија. Од минофрлачкиот напад врз американската амбасада во Атина на 15 февруари 1996, па се' 19 март 2011 кога Советот за безбедност на Обединетите нации ја одобри мисијата за напад врз позиции на либиската армија, БиБиСи беше на сите места на кои се случуваше историјата.
24 март 1999 година Во нашиот времеплов, времето го запревме во 1999 година. Во српската автономна покраина Косово изби насилство. Ослободителната војска на Косово (ОВК), поддржана од мнозинството етнички Албанци се судри со војската на Југославија. Меѓународниот притисок врз тогашниот претседател на земјата Слободан Милошевиќ растеше, а растеше и напнатоста на теренот. Гинеа луѓе, а стотици илјади бегалци тргнаа кон Македонија и Албанија во обид да ги избегнат разурнувањата. Кризата кулминираше со нападот на силите на НАТО врз цели низ целата територија на Југославија, кој почна на 24 март 1999 година. Нападот заврши на 11 јуни истата година. На територијата беше воведена администрација на Обединетите нации. Косово на 17 февруари 2005 година еднострано прогласи независност. Некои земји веднаш ја признаа косовската независност, но Србија не беше меѓу нив. 11 септември 2001 Овој датум го означи најкрупниот пресврт во поновата светска историја. Септемвриското утро во Њујорк беше распарчено од серија координирани терористичи напади од организацијата која подоцна ќе биде идентификувана како Ал Каеда. 19 терористи, асоцирани со оваа организација, грабнаа четири патнички авиони. Два од овие авиони влетаа во кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк. За два часа, се урнаа и двете кули.
Киднаперите со третиот авион влетаа во зградата на Пентагон. Четвртиот авион беше урнат во Пенсилванија. Во нападите загинаа речиси 3000 луѓе и тие беа катализатор за неверојатните светски настани кои следеа потоа. Меѓу овие настани беше нападот врз Авганистан - кога силите предводени од Соединетите држави тргнаа во потрага по клучните келии на Ал Каеда и решија да го соборат водството на Талебан; но и контроверзната војна во Ирак. Прераспределбата на светската моќ која почна оттогаш да се одмотува, ќе ги распостила своите последици во децениите кои доаѓаат. Непосредниот ефект на таканаречената „војна против теророт“ беше галванизирањето на исламскиот фундаментализам, но и се' пожестокиот отпор на западот кон интервенцијата на нивните влади во странство. 20 март 2003 Коалицијата предводена од Американците ја почна инвазијата врз Ирак под образложение дека лидерот на земјата Садам Хусеин, располагал со оружје за масовно уништување. По жестокиот удар врз ирачките сили, режимот падна, но тоа предизвика голема нестабилност предизвикана од секташкото насилство и речиси секојдневните бомбашки напади во земјата.
Садам Хусеин беше погубен на 30 декември 2006. Тогаш, три години по инвазијата, коалицијата предводена од Американците се' уште не го гледаше крајот на војната. Од 1 септември 2010 година, со новата политика на претседателот Барак Обама, американската мисија во Ирак беше значително намалена и нејзина примарна задача стана советодавна и не-воена. За западот се’ уште е отворен расплетот околу одговорноста за војната која многумина ја сметаа за нелегална. Во Британија беа составени повеќе политички комисии кои ги испитуваа околностите под кои Лондон влезе во коалиција со Вашингтон во интервенцијата. Една од најважните и најпознати комисии е онаа на Сер Чилкот која го испитуваше и личниот удел на тогашниот премиер Тони Блер околу соработката со американскиот претседател Џорџ Буш и проценката дека во Ирак има оружје за масовно уништување. 7 јули 2005 Застануваме во 2005. Когa светското внимание концентрирано се насочи кон Авганистан и Ирак, Европа доживеа еден од најтешките терористички напади во историјата. Лондон беше нападнат едно летно утро, додека лондончани итаа да стигнат на работа на време. Серија координирани самоубиствени бомбашки напади целеа на јавниот транспорт.
Во нападот на автобус на Тависток Сквер, како и во нападот на лондонското метро загинаа 56 луѓе, меѓу кои и четворицата напаѓачи, а околу 700 други беа повредени. Животот во Лондон продолжи, но нападите секако го изменија. Оттогаш мерките на безбедност кои ги спроведуваат безбедносните служби се построги. Политичките последици на нападот се само едната страна. Другата исто толку драматична страна се личните потресни приказни на жртвите и нивните семејства кои со години бараа помирување преку британските судови и другите институции, не разбирајќи зошто нивните најблиски биле цел на овој терористички бран. Лондончани, секако, долго ќе го паметат и Жан Шарл Менезес, еден случаен патник, кој со повеќе куршуми беше застрелан од полицијата, која мислела дека тој е еден од напаѓачите. 15 септамври 2008 А последниве 15 години светот посведочи и поинаков тип на разурнување. Ја доживеа можеби најзаканувачката економска криза од Големата депресија. Од 15 септамври 2008, кога банкротираше инвестициската банка Леман Брадрс, кај западните политичари, економски експерти и обични граѓани можеше да се почувствува несигурност околу тоа дали ќе опстане капиталистичкиот систем. Додека медиумите експертите размислуваа за тоа дали економистот Џон Мајнард Кејнс беше во право кога изрази скепса за либералниот капитализам, владите на западот веќе издвојуваа фондови за откуп на долговите на банките. Сеќавањата на Големата депресија од раните 30-ти години на минатиот век и новиот интервенционизам на западната држава, ги поттикнаа обвинувањата за наводно вртење на западот кон социјализмот, како што барем се развиваше американската дебата. Последователните шокови на кризата силно се чувствуваа и низ Европа во која нејзината најслаба економмска алка - Грција, мораше да прифати остри мерки на штедење во 2010 година за да избегне банкрот.
25 јануари 2011 Оваа деценија и пол за македонската редакција на БиБиСи беше заокружена со неверојатните настани во арапскиот свет. Од Тунис кон крајот на 2010 преку плоштадот Тахрир во Каиро, па се’ до Бахреин и либискиот Бенгази, граѓаните од арапскиот свет се побунија против нивните повеќе-децениски владетели. Пред силата на протестите некои, како египетскиот претседател Мубарак мораше да се повлече и покрај повеќедецениската клучна улога која тој ја играше за западот, бидувајќи мек контакт меѓу Израел и остатокот од арапскиот свет. И по првиот бран протести западот стана загрижен за тоа колку се силни тврдите исламски структури во египетското општесто, како и за тоа зошто разузнавачките служби на повеќе држави не го предвидоа овој развој на настаните. Сепак некои од арапските владетели, како Либиецот Муамер Ел Гадафи, реши да остане на позицијата и да се спротивстави на народниот притисок ризикувајќи дури и граѓанска војна. Тоа ја предизвика резолуцијата на Обединетите нации за востановување на зона забранета за летање над Либија, како и операцијата на земји како Франција, Соединетите држави и Британија. Светскиот Сервис и македонската редакција секогаш беа тука некаде во близина, за да посведочат како се открива глобалната историја. Уште поважно, БиБиСи на македонски 15 години анализираше како таа историја го погодува секој од нас поединечно. | ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||