|
Неутралност финансирана од влада | |||||||||||||||||||||||||||||||
Од Втората светска војна, Светскиот сервис на БиБиСи се финансираше преку грант од министерството за надворешни работи. Тој извор ќе пресуши во 2014-та, кога радиото и неговата интернет страница ќе црпи средства од радио-дифузната такса. Поради овој однос меѓу британската влада и медиумот, многумина прашуваат како е можна независна уредувачка политика, финансирана од Владата. Генералниот директор на БиБиСи Џон Рит, на 19 декември 1932 го објави почетокот на програмите на Империјалниот сервис, од кој многу години подоцна ќе произлезе Светскиот сервис на БиБиСи. Тој тогаш порача да не се очекува многу. Помош во невоља Но и тоа беше доволно за многуте луѓе во невоља, како францускиот генерал Шарл де Гол, кој преку БиБиСи ги повика Французите да се борат против нацистите. На Германците преку БиБиСи, во Втората светска војна им се обраќаше и Томас Ман. Во зградата од која ние емитуваме, работел и писателот Џорџ Орвел. Но тој дал отказ, велејќи дека во БиБиСи си го троши времето и народните пари. Сепак, неговото време не било целосно залудно - невозможноста да го емитува она што тој сакал да го емитува, му помогна во формирањето на визијата за Министерството за правда во романот „1984“. И тука стигнуваме до прашањето за односот меѓу Светскиот сервис на БиБиСи и британската влада. Д-р Олбан Веб, историчар на Светскиот сервис на БиБиСи, објаснува како дошло до тоа владата да го финансира Светскиот сервис: „Она што е важно да се запамети е дека владиното финансирање на Светскиот сервис не беше смислено, туку случајно". „БиБиСи најпрвин го финансираше својот Империјален сервис во 30-тите години. Но, со отворањето на јазични редакции на почетокот од Втората светска војна, во текот на Војната и потоа, до ниво кога Светскиот сервис стигна до бројка од 45 јазични редакции, стана толку голема операција, што владината помош беше нужна". Токму овој момент - буџетски пари за работа на медиум, беше најтежок за објаснување, кога некој ќе прашаше - како е можно да си објективен кога платата ти зависи од владата. Во објаснувањето помага Олбан Веб, кој не’ учи дека таа дилема двете страни ја разрешиле во 50-тите години. Кавга А како пример за примената на договорот, ја наведува Суецката криза од 1956-та, кога Британија изврши инвазија врз Суецкиот канал. „Тогаш владата требаше да оствари воени и дипломатски цели и сметаше дека БиБиСи треба да ја прилагоди својата програма, заради остварување на тие цели. БиБиСи одби, по што почна тешка караница со тогашната влада, но БиБиСи не попушти".
Британската влада ја загуби тогашната битка со Светскиот сервис, но само на кус рок. На долг рок всушност извлече полза, бидејќи објективното известување на БиБиСи помогна во враќањето на британскиот углед во светот, по катастрофата околу Суец. Тогаш британската влада, како што вели историчарот Веб, сфати дека нејзин долгорочен интерес е да го остави Светскиот сервис сам и да не се меша во неговата уредувачка политика. Само така се остварува она најважното во новинарството - публиката да му верува на медиумот. | ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
| ||||||||||||||||||||||||||||||||