Skip to main contentAccess keys helpA-Z index
BBCMacedonian.comNews image
Ревидирано на:
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
In Memoriam
Валентина Велевска
Валентина во БиБиСи мина речиси 10 години
Македонската редакција на Светскиот сервис на БиБиСи во вестите ја објави веста која никогаш не сакаше да ја објави.

Со големо жалење им соопштуваме на слушателите дека во понеделникот утрото, на 15ти февруари, во Лондон почина нашата колешка Валентина Велевска.

Вале беше дел од БиБиСи на Македонски речиси 10 години и работеше на сите програми кои ги имаше редакцијата - вести, интервјуа, тематски, музички и забавни програми.

Еден од програмите во последните години со кој посебно се гордееше е нејзината емисија за лустрацијата - како се спроведе во некои од европските земји и какви се размислувањата во Македонија.

На сите што ја знаеја и работеа со Валентина ќе им звучи познато кога ќе се каже дека секогаш импресионираше со нејзината љубопитност, неисцрпниот ентузијазам и страста кон работата.

Велеше дека не и пречи да биде упорна и постојано да прашува, зашто само така се стигнува до одговорите во новинарството.

Валентина дипломираше на Факултетот за новинарство на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Вале уште како студент пишуваше за неделникот „Млад Борец“, а соработуваше и со Македонската телевизија.

Професионалната новинарска кариера ја почна во весникот Вечер, од каде како заменик главен и одговорен уредник замина во БиБиСи.

Кога слушна дека ја доби работата за БиБиСи , рече дека и се остварила нејзината голема желба и мошне брзо се прилагоди и го засака радиото и животот во Лондон.

Се гордееше што работи за Светскиот сервис на БиБиСи. И ние колегите од редакцијата на македонски, сме горди што ни беше колешка и пријателка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
Испрати имејл на пријателВерзија за печатење
BBC © ^^ Назад на почеток
Архива
BBC News >> | BBC Sport >> | BBC Weather >> | BBC World Service >> | BBC Languages >>